
Дарко Богданов
Дарко Богданов се занимава првенствено со цртање стрипови и илустрација од 2000 година па сè до денес.
Зад себе има четири самостојни изложби и учествo на повеќе групни изложби и стрип фестивали во Македонија и странство. Член e на здружението на ликовни уметници „УМ“ од Виница, со кое редовно учествува во заеднички проекти и изложби.
Богданов има објавено кратки стрипови во повеќе стрип списанија – „Стрип арт“, „Креатор“, „Стрип Алманах“, „Синдром“, „Стрип трип“, електронските списанија „Македонска ризница“, „Чивилук“ и „Комикс“, стрип антологиите „Бастион“ и „Пегазус 21“, списанието „Парабелум“ од Бања Лука, БиХ, „Рас Комик“ од Рашка, Србија, антологиската збирка „Стрип са маргине“, издание на веб-сајтот СтрипБлог, „Стрип Пресинг“ од Ниш, Србија, како и во седмата книга од серијата стрип албуми посветени на првата светска војна „Линије Фронта“ во издание на српскиот издавач „Систем Комикс“. Редовен учесник со свои стрипови е на скоро сите балкански стрип фестивали и конкурси.
Во 2008 година работи како стрип цртач за бугарскиот стрип издавач „ИЕКК Комикс“ од Софија, а во 2009 година работи за филмското студио „NU IMAGE“ исто така во Софија како сториборд уметник на филмовите „The Expendables“ и „Conan“.
До сега има објавено шест стрип албуми: „Modus Vivendi“ на кој е комплетен автор, „Мрак Хумор Тишина“ заедно со сценаристот Јордан Коцевски; „Витези од Соседството“ во соработка со Јордан Коцевски, преку издавачот „Стрип Квадрат“ од Скопје во 2016 година; во соработка со Александар Стеванов – „Ægri Somnia“; стрип албумот за деца „Бестрашниот“ на кој е комплетен автор и во издание на здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и други уметности „Креативна Верига“ од Охрид; и „Ægri Somnia 2“ во коавторство со Александар Стеванов.



