
John Vardar vs The Galaxy
На Стрип Трип 2024 ќе се одржи трибина со Гоце Цветановски и Михајло Димитриевски – Тхе Мичо од тимот на Lynx Animation Studios, екипата што стои зад првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“.
Филмот ја раскажува приказната за Јон Вардар, млад неталентиран актер кој е киднапиран од самобендисан робот со наполеонов комплекс по име Зарк. Судбината на целата галаксија е во рацете на овие два антихеројски лика. „Јон Вардар против Галаксијата“ е осмислен како научно-фантастична авантуристичка комедија за целото семејство во која главниот лик ќе се сретне со низа непријателски вонземјани, чудовишта, злобни хакери, но и космички забави 💫
Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски кој зад себе ги има кратките анимирани филмови „Човекот што не можеше да умре“ и „Вистинската приказна за Хансел и Гретел“. Цветановски е исто така автор на наградуваниот долгометражен филм „Бизнис на задоволството“ и краткометражните филмови „Човекот кој не беше таму“ и „Мал дисконтинуитет во времепросторот“.
Арт дирекцијата е на Михајло Димитриевски – Тхе Мичо кој пред јавноста е познат како стрип-автор и илустратор со долго резиме во полето на стрипот и друштвените игри. Исто така, Тхе Мичо е арт директор на „Светот на Биби“ како и автор на карактерите на „Петко“ и „Еднооки“.
Филмот е во продукција на „Линкс Студио“ чија специјалност се 2Д анимација и развој на видео игри со фокус на впечатливи ликови. Студиото работи и со илустрација за книги и апликации.
