Миле Топуз

Миле Топуз е еден од најплодните македонски стрип автори на сите времиња.

Роден е на 28 август 1932 г. во Кочани. Во 1949 г. се запишува во Уметничкото училиште во Скопје, а во 1950 г. заминува на школување во Љубљана, во Училиште за применета уметност, на одделот применета графика. Во 1956 г. се вработува во дневниот весник „Нова Македонија“, како прв македонски професионален илустратор.

Првите обиди во стрипот ги прави со кратка стрипувана биографија на поетот Кочо Рацин, по текст на Славчо Темков. Од 1960 г., Топуз се вработува во весникот „Трудбеник“ каде е серијализиран и неговиот стрип за славниот средновековен македонски цар Самуил, по текст на Драган Ташковски. Овие свески се и најстарите македонски стрип-публикации.

Од 1967 г., Топуз соработува со „Дечје новинe“ од Горњи Милановац. Во едицијата „Никад робом“, по сценарија на Драган Ташковски, ги објавува: „Хацон“, „Крал Пребонд“, „Цар Самуил“, „Климент Охридски“, „Цар Гаврил Радомир“, „Ѓорѓе Војтех“ и „Карпош: македонски селски крал“. Како и „Стрез господар на Просек“ и „Добромир Хрс“.

Во 1967 г., во списанието „Наш свет“ го објавува стрипот „Епруветите од Кимбан“, по текст на Миле Марковски. Таму ги објавува и стриповите „Методиј Солунски“, „Бошко Буха“ и „Февруарски поход“.

Топуз соработува и со првата македонска стрип-ревија „Макстрип“, во периодот 1989 – 1993 г. Во неа тој ги објавува: „Карпошовото востание“, „Страшо Пинџур“, „Кирил и Методиј“, третата верзија на стрипот „Цар Самуил“ и „Цар Гаврил Радомир“, како и првите две епизоди од стрипот „Шенко“, според истоимениот роман на писателот Киро Донев.

Тој е првиот добитник на Признанието за развој и афирмација на стрипот „Љупчо Филипов“, во 2004 г., а во 2020 г. е добитник и на наградата „Гоцева мисла“.

Иако навлезен во десеттата декада од својот исклучително плоден живот, тој не престанува да се занимава со уметност. Наскоро се очекува да излезе неговиот најнов стрип-албум „Илинден 1903 –борбата на Слива и Христо Узунов“.