
Парагонс
Следни гости кои ви ги претставуваме се ПАРАГОНС, новоформиран колектив од 10 стрипаџии кои периодов земаат се поголем и поголем замав.
Стефан Николовски е стрип-уметник кој е добитник на неколку меѓународни награди за стрип илустрација. До сега има работено на повеќе стрипови („Denny”, „Skopje 2028“), а неговиот нов хорор стрип „The Jitters” излегува годинава токму на Halloween.
Дамјан Ѓоргиевски е уметник кој со своите илустрации, стрип-илустрации, графики, и дизајни е добитник на дузина награди на меѓународно ниво. Неодамна ја отвори својата издавачка куќа Firebloom Publishing, и тоа во Финска.
Цанко Стефанов, третиот уметник кој ви го претставуваме, веќе неколку години работи на меѓународната сцена („Blue Candle Studios”, „Digital Horsepower, Inc“), и тоа на стрипови („Find The Sky“, „The Chief of Sinners“), анимација и графички дизајн.
Следен е Александар Танчовски кој е веќе препознатлив по неговиот традиционален стил на цртање женски карактери. Негови кратки стрипови може да се најдат во броевите на списанието „Деветка“.
Иван Аврамовски и Марко Марковиќ се талентирано дуо кое веќе неколку години работи заедно за наши и странски клиенти во областите на стрипот, сторибординг, концепт арт, гејм и графички дизајн.
Александар Бараковски и Дамјан Шокев пак се најмладите уметници од ПАРАГОНС. Двајцата се студенти и работат и традиционални и дигитални техники. И покрај нивната возраст, тие веќе имаат неколку награди позади себе („Best Art – Global Game Jam Award 2024”, „Rose of Lidice”, „Europe House Award”, награда на „Mostrip”, награда „Giffoni Italian Comics Day”).
На крај, Давид Ристовски и Војдан Андонов се сценаристи, рецензенти и основачи на ПАРАГОНС. Војдан е во светот на стрипот нешто повеќе од 1 година, и за тоа кратко време со неговите приказни („Умри пред смрт“) добива неколку награди на меѓународно ниво. Давид е сопственик на @comics.mk – најголемиот медиум во Македонија кој ги обработува темите од поп-културата поврзана со стрипот.



