
Стрип Корица
Најава на изложба на дела од конкурсот за „Стрип корица“
На 8ми и 9ти јуни во МКЦ Галерија ќе биде изложен избор од најуспешните дела што пристигнаа на наша адреса во предвидениот рок од конкурсот.
Битно: до нас стигнаа 64 дела и речиси сите беа со извонреден квалитет! Притоа, застапени се 11 градови ширум земјата, вклучително Скопје, Велес, Штип, Кавадарци, Куманово, Охрид, Пехчево, Прилеп, Ресен, Битола, и Дебар.
Нашето тричлено жири избра победници за прво, второ, и трето место, но реши да додели и 10 утешни награди. Прогласувањето на победниците и доделувањето на наградата „Македонска стрип иднина“ ќе се одржи на официјалното отварање на фестивалот кое е закажано за сабота, 8 јуни, во 14ч во Кино Фросина.
Жирито оваа година беше во состав:
– Корнелија Конеска (Извршен директор на ОСТЕН АРТ Скопје)
– Н.Е. Андреа Силвестри (Амбасадор на Италија во Р.С. Македонија)
– Здравко Гиров (Претседател на Здружението „Макстрипови“ Скопје)
Покрај делата пристигнати за конкурсот, во МКЦ Галерија ќе бидат претставени и низа изненадувања, вклучително и дела што се вон конкуренција од автори како Андреа Акарди, Игор Јовчевски, тхе Мичо, Лорета Стефановска, Здравко Гиров, и Тац Павлов.
