
Александар Стеванов
Промоција на публикација – ВИЗУЕЛНА ХРОНИКА НА МАКЕДОНСКИОТ СТРИП 2016-2019 од Александар Стеванов.
Александар Стеванов е стрип-автор и хроничар на македонскиот стрип. Тој е комплетен автор на публикацијата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ чие најново продолжение ќе биде премиерно претставено на Стрип Трип 2024.
Тој се јавува како автор и издавач и на книгите „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ‘Дневник’”, „Жељко Книвалд: Белешки од потрагата по авторот на првиот стрип создаден во Македонија“, „Приказна за лекарот, поетот и стрип-пионерот“, „Плави вјесник, 9-тата уметност и земјата каде што сонцето вечно сјае“ и „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“. Исто така, автор е на интерактивната сликовница со самолепливи сликички „Девојче на Месечината“.
Стеванов е сценарист на стриповите објавени во третиот и во четвртиот број на периодичната публикација „Стрип алманах“, како и на оние објавени во албумите „Ægri somnia“ и „Ægri somnia 2“. Дополнително, негови дела се објавени во многубројни списанија меѓу кои „Синдром“, „Стрип креатор“,„Чивилук“, „Деветка“, и „(е)Лит“. Како дизајнер и/или летерер, има соработувано на „Мрак Хумор Тишина“, „Dominos“, „Зад црното сонце“ и многу други стрипови.
Зад себе има повеќе самостојни и групни стрип-изложби, а има одржано и низа стрип-курсеви и стрип-работилници.
За своите заслуги во полето на стрипот, Стеванов е добитник на престижното признание за развој и афирмација на стрипот во Македонија „Љупчо Филипов“ (2017) како и низа други меѓународни награди.
